Немате стандарди за печките на дрва, на јаглен, на нафта, на мазут, на пелети, а токму нивното воспоставување е можеби наједноставниот чекор од низата што треба да се преземат за намалување на аерозагадувањето.
Вака, кратко, јасно и недвосмислено, на една неформална средба, одговори американскиот советник за климатски промени Џонатан Бенкс, на новинарско прашање кој би бил неговиот конкретен совет во врска со енормното загадување на воздухот во земјава.
Средбата со Бенкс ја организираше невладината „Еко свест”, но интересот на медиумите за разговор со него беше евидентно мал.
Експертот кој од неодамна е во Скопје, побрза да разговара со новинарите иако тукушто доаѓаше од состанок со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули. Претходно, информира, имал средба и со претставници на некои од граѓанските здруженија.
-Клучно е земјата да има визија, да знае каде оди, што сака. Во таа смисла, може да се зборува за брзи, краткорочни и за покомплексни, долгорочни мерки. Една од поедноставните мерки која не бара многу време и пари, е секако воведувањето стандарди за инсталациите за согорување цврсти горива во домаќинствата кои вие засега ги немате. Градите згради, имате цевки за централно греење, но тие не се поврзани, нагласи Бенкс.
Во долгорочните мерки против загадувањето генерално, Бенкс го посочи образованието. Според него, клучна е едукацијата и тоа уште од најрана возраст.
-Кога децата ќе учат и ќе знаат од мали што е рециклирање, тогаш така и ќе размислуваат кога ќе пораснат. Дури и ќе ги опоменуваат своите родители ако се однесуваат несоодветно. Во светот се разработени голем број еко-курикулуми па не мора да измислувате топла вода. Доволно е да ги пресликате искуствата, рече американскиот експерт.
Дополни и дека (аеро)загадувањето е многу сериозен проблем особено ако се земе предвид дека е поврзано со глобалното затоплување, климатските промени, економскиот развој.
-Не знам дали некој од вас новинарите некогаш го разработил загадувањето од тој аспект, дали проанализирал дека, на пример, некои компании не отвораат свои претставништва, ниту праќаат луѓе во земји што се загадени, истакна експертот.
Дополни и дека можеби еден од подобрите приоди за разобличување на оваа тема од страна на медиумите, би бил креирањето лични приказни – на луѓе што живеат непосредно до изворот на загадување и кои директно ги чувствуваат последиците.
Во текот на разговорот укажа дека е неопходна заедничка „борба”, и на активистите (граѓаните) и на институциите. Очигледна е, оцени, разликата во делувањето на активистите. На една страна се граѓанските иницијативи за „елиминирање” на одредени индустрии, а на друга граѓанските организации кои не се против индустриите, но од нив бараат максимално имплементирање и почитување на еко-стандардите. Тоа, потенцира, мора да се доведе во спрега.
Осврнувајќи се на искуствата во САД, рече дека и таму постои разлика во свесноста за (аеро)загадувањето, дека една од опциите кои даваат резултати е работа и со свештените лица (зашто имаат влијание врз граѓаните), како и дека постои можност, ако активистите или воопшто населението не е задоволно од работата на институциите, правно да реагира и на тој начин да изврши вид притисок за надлежните да си ја вршат задачата.