Двајца министри на српската Влада денеска се огласија во однос на Договорот од Охрид за олеснување и побрз проток на стоки, луѓе услуги и капитал меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, наречен „Мал Шенген”, јави дописникот на МИА од Белград.
Во врска со договорот, кој се однесува и на инспекцискиот надзор на границите, српскиот министер за земјоделство Бранислав Недимовиќ изјави дека „Србија би можела во рок од неколку дена да воспостави 24-часовно работно време на фитосанитарната и на ветеринарната инспекција на граничниот премин Прешево.”
– Ова конкретно значи дека нашите гранични премини, од двете страни, ќе имаат 24 часа дневно фитосанитарни и ветеринарни контроли, кои вклучуваат контрола на растенијата, месото и месните производи, млекото и сè друго. Друга важна точка во целата приказна е дека ќе ги признаваме резултатите од истражувањата од лабораториите во секоја земја, за да не мора повторно да се земаат мостри штом ќе се премине границата. Кога сето ова ќе биде договорено, ќе имаме комплетно нормален проток што нема да се разликува многу од движењето на стоките низ Европската унија, изјави Недимовиќ.
Според него, техничките детали ќе бидат договорени на следните состаноци на српскиот претседател Александар Вучиќ со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, а роковите за спроведување би требало да бидат познати во текот на наредниот месец.
Со соопштение се огласи и српската вицепремиерка и министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, која изјави дека „малиот Шенген” е иницијатива која има за цел економска интеграција во регионот.
– Не можеме да го вратиме минатото, но треба да мислиме за иднината, а тоа е подобар живот за нашите граѓани, се вели во писмената изјава на Михајловиќ.
Според неа, и покрај различните размислувања и критики, оваа иницијатива предизвика голем интерес, бидејќи ниту една земја во регионот нема поголем интерес од тоа да обезбеди граѓаните да останат во своите држави и да живеат подобро и поквалитетно.
– Важно е да обезбедиме побрз проток на стоки и луѓе и граничните премини да бидат побрзи и поефикасни. Не е доволно да се инвестира во автопати, железнички и водни коридори ако нашите премини не се добро организирани. Министерството што го водам ќе соработува со колегите од другите земји за да воспостави регионален таг за брзо поминување на автопатите во регионот и ќе придонесеме да се направи побрз премин на граничните премини, рече Михајловиќ.