Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се сретна со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предводени од Берглјот Бјорнсон Баркбу, шефица на мисијата на ММФ за Македонија и Стефани Ебл, висок резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан и шеф на Канцеларијата на ММФ во Скопје.
На средбата се дискутираше за актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, предвремените парламентарни избори кои следат во април и стратешките приоритети клучни за напредокот на државата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, го потенцираше недостатокот на реформи од страна на власта, поради што Македонија не доби датум за почеток за преговори со Европската Унија, како и уназадувањето на македонската економија поради високиот криминал и корупција од страна на функционерите на власта.
Мицкоски посочи дека заради катастрофалното работење со економијата на актуелната власт граѓаните се повеќе осиромашуваат, што доведе до тоа половина милион граѓани едвај да преживуваат, а бројката на блокирани сметки ближи до 100 илјади.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека впрочем власта со враќањето на рамниот данок само ја потврди својата неспособност, но со досегашните погрешни даночни политики направија голема штета врз стопанството како и одвраќање на идните инвеститори во Македонија.
Мицкоски на крајот додаде дека по изборите во април на кои ќе победи ВМРО-ДПМНЕ ќе следат итни реформи за да може што побрзо да закрепне македонската економија и да почне да чекори кон европските стандарди.