Експерт – Москва
Долги години за прва економија на Европа со право се сметаше германската. Но во моментов таа е во застој и е на работ на техничка рецесија. Додека француската економија, иако не е многу блескава, се развива стабилно и целисходно.
Подобрата отпорност на негативните ефекти од трговските војни и забавувањето на глобалната економија им помогна на Французите да ги надминат Германците. Исто така, помогнаа и навремените мерки, како што е успешното намалување на даноците, што ги спроведе францускиот претседател Емануел Макрон. Голем плус за француската економија беше помалата извозна зависност, во споредба со Германија.
Намалувањето на даноците доведе до нагло зголемување на инвестициите во француската економија. Голема улога за успесите на Париз одигра и зголемувањето на вработеноста, што беше резултат на реформите во трудот на претседателот Макрон.
– Без разлика дали во Германија во раните 2000-ти или во Франција сега, вели економистот Флоријан Ханси, пазарот на трудот е клучен за сите сектори на економијата.
Се разбира, будењето на француската економија во време кога Германија уверено се движи кон рецесија може да има големи последици во политичкиот живот на континентот, бидејќи му дава капитал на Макрон да ги оствари своите цели. Францускиот претседател ги гледа главните задачи во водењето поактивна политика во економијата, конкуренцијата со САД и Кина и проширувањето на поделбата на ресурси.
Емануел Макрон веќе постигна одреден успех со тоа што го попречи усвојувањето на договорот за буџет на Еврозоната. Точно е, тој успех е многу помал од тоа на кое сметаше. Сепак, во Париз во моментов владее атмосфера на увереност. Французите се толку убедени во сопствените сили и се толку охрабрени што им држат лекции на германски колеги за тоа каква финансиска политика треба да води Берлин.
Главната локомотива на самата француска економија е домашната побарувачка. Покрај тоа, во Франција влегуваат повеќе странски инвестиции. Француските компании активно трошат пари за развој на производство. Оваа можност им дава помала зависност од подемите и падовите на светската трговија.
Според главниот економист на Групата Акса, Жил Моек, многу меката парична политика на ЕЦБ исто така игра улога за успехот на француската економија.
Франција очигледно е во подем, но мора да се признае дека ќе ѝ треба многу време за да се израмни со Германија. Покрај плусовите, Петтата Република има многу минуси, кои го забавуваат развојот на француската економија. Тие, на пример, го вклучуваат огромниот и скап јавен сектор, кој зазема 56 % од економското производство. Во Германија, тоа ниво е многу пониско – 45 %. Се проценува дека, како резултат на високиот удел на јавниот сектор, долгот на француската влада достигнува речиси 100 % од БДП. (Покрај тоа, долгот на САД е на ниво од два БДП, и покрај фактот што тамошната економија е претежно приватна).
Невработеноста меѓу Французите се намалува, но и покрај тоа сè уште е повеќе од двапати повисока од германската. Француските власти сепак го посочуваат квалитетот на работните места како потврда дека реформите функционираат. Всушност, по реформите на Макрон на пазарот на трудот, делот на новите работни места со постојани договори расте.
Владата се пофали и со подобрување на условите за бизнис во Франција, откако го намали данокот на богатство и корпоративниот данок. Инвестициите растат и бројот на стартап-компаниите достигна највисоко ниво во последните неколку години.
Емануел Макрон помина половина од својот петгодишен претседателски мандат и планира да ги продолжи реформите. На почетокот на ноември, на пример, тој ги смени условите за плаќање и висината на обесштетувањата за невработеност, со тоа што едноставно рече дека ќе ги влошува и намалува со надеж дека тоа ќе ги принуди Французите активно да бараат работа. Плановите вклучуваат и реформа на пензискиот систем, кој, како што се надеваат неговите автори, ќе ги направи француските работници помобилни. Тоа исто така е прилично транспарентно навестување за влошување на условите.
Но најважно е што Владата планира дополнително да ги намали даноците за компаниите кои работат во Франција, како и да спроведе реформи во стратегиските сектори на економијата, каде што државата е основниот инвеститор.
– Ништо нема да нè спречи да ја реформираме својата земја, изјави францускиот министер за финансии Бруно ле Мер во октомври за радио РТЛ. – Емануел Макрон беше избран токму заради тоа.