Рускиот олимписки комитет се сомнева во резултатите од тестот на Камила Валиева, која доби дозвола да продолжи со натпреварувањата на Игрите во Пекинг, а епилогот на сагата околу наводното користење на стимулативни средства ќе биде познат откако случајот ќе го разгледува Судот за арбитража во Лозана.
Станислав Поздњаков изјави дека во целиот случај има многу неправилности и нему не му е јасно како може резултатите да се објават скоро еден месец по земањето на примерокот. Тој напомена дека според сите стандарди обработката трае околу дваесетина дена и ако примероците се земени на 25 декември зошто се чекало до првата недела од февруари и Поздњаков изрази сомнеж дека тоа е направено намерно само да се направи штета на делегацијата на Русија.
Инаку во крвта на Валиева е детектиран лекот Триметазидин, кој се користи за болести на срцето и тој делува на подобар проток на крвта низ срцето како и ограничување на брзите промени на крвниот притисок.
Лекот на листата на забранети супстанции се наоѓа од 2014 година и е категоризиран во рангот на модулатори на хормоните и метаболизмот и се смета дека тој придонесува за подобрување на физичката издржливост.
Инаку ова не е прв пат натпреварувачи да се се суспендираат од Олимписките игри и во минатото поради овој лек казнети биле руски и кинески спортисти.
Во меѓувреме Руската антидопинг агенција ја укина суспензијата на Валиева и таа ќе може да продолжи со настапите во Пекинг, а Интернационалниот олимписки комитет најави жалба до Судот за арбитража.