Македонска делегација, предводено од директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Николче Бабовски вчера и денеска учествува на 46-тата Конференција на директорите на платежните агенции во Европската Унија, што се одржува во финскиот главен град Хелсинки.
Како што соопшти АФПЗРР, Бабовски активно учествувал на собирот и остварил повеќе неформални билатерални средби, кои се од клучно значење за патот на земјава кон Европската Унија.
Во соопштението се посочува дека учесниците на Конференцијата од 28-те земји членки на ЕУ заклучиле дека сите држави кои се членки на Унијата, како и кандидатите за членство, вклучително и Северна Македонија, во наредниот период ќе мора да имаат поголема меѓусебна соработка, се со цел успешно спроведување на заедничката европска земјоделска политика.
Финскиот министер за земјоделство Јари Лепа во обраќањето на собирот апелирал на поблиска меѓусебна соработка помеѓу националните и руралните мрежи и платежните агенции.
– Поголемата поддршка на руралниот развој и младите фармери преку разни развојни програми во сите региони од Европа, како и успешната примена и имплементација на ИСАК (Интегриран систем за административна контрола), се главен предизвик за целосна имплементација на заедничката земјоделска политика, порачал Лепа.
Претставници од Европската комисија порачале дека платежните агенции се од витално значење за спроведување на заедничката земјоделска политика, затоа сите заедно треба да си помагаат кон прилагодување на заедничката земјоделска политика и преку меѓусебна помош да влијаат и кон решавање на се поголемото климатско влијание врз земјоделството со воведување на нови технологии.
Директорот на АФПЗРР, Бабовски, како што се наведува во соопштението, нагласил дека искуствата и помошта што Република Северна Македонија ја добива од земјите членки на ЕУ е од огромно значење.
– Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, веќе ги спроведуваат дел од препораките дадени на конференцијата се со цел приближување на Република Северна Македонија до земјите кои веќе се дел од Европското семејство. Во таа насока, од огромно значење се размената на искуства, примената на нови современи техники и технологии, модернизирање на производството и намалување на ризикот од климатските промени. Само со осовременување на земјоделството, приклучување на што поголем број на млади во секторот земјоделство, преку нови проекти, програми, нови технологии на производство, агросекторот може да се развива и унапредува, нагласил Бабовски.
На маргините на Конференцијата, Бабовски остварил повеќе неформални средби со директори на платежни агенции, при што со првите луѓе на платежните агенции на Хрватска и на Србија, Матилда Чопиќ и Радош Газдиќ, договорил потпишување на меморандуми за соработка и меѓусебна размена на искуства и вештини се со цел побрзо спроведување на заедничките земјоделски политики.
Освен директорот Бабовски, во македонската делегација биле вклучени и вработени од АФПЗРР, кои земале активно учество во панел дискусиите за автоматизација на процесот на доделување на субвенции за земјоделците, подготвување на правната рамка за имплементација и прилагодување на македонското кон европското законодавство, имплементирање на ИАКС системот се со цел поедноставување и олеснување на исплатата на средства и унапредување на домашните фарми.
На неформалната конференцијата, освен директори на платежните агенции, учествувале и претставници на Европскиот суд на ревизори, Европската комисија и земјите членки на ЕУ.
– Освен за земјоделство, на годинашнава конференција се разговараше и за зголемување на економскиот раст, зајакнување на конкурентноста, Европскиот повеќегодишен буџет и неговото управување, се истакнува во соопштението на Агенцијата.