Анкара нема да се откаже од рускиот ракетен одбранбен систем С-400, дури и ако го набави американскиот систем „Патриот”, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по неговото враќање од Вашингтон.
– Им кажавме на САД дека ќе го купиме системот „Патриот” ако ни понудат добра зделка. Сепак, сметаме дека (американската) понуда целосно да се откажеме од С-400 е сосема погрешна, рече Ердоган за НТВ.
– За нас е важно да го имаме С-400 во нашиот одбранбен систем. Ние ќе го купиме и С-400 и Патриот затоа што го развиваме нашиот одбранбен систем на разновиден начин. Тоа е стратегија на нашите вооружени сили, истакна Ердоган.
Тој ја отфрли можноста за избор меѓу Русија и САД како курс за надворешна политика на Турција.
– Постојат политичари кои ме прашуваат кој е непријателот: САД или Русија. Не сакам непријатели. Сакам да бидам пријател и со Америка и со Русија. Тоа е нашата цел и ние преземаме соодветни чекори кон тоа. А некои се загрижени поради тоа, заклучи претседателот на Турција.