На маргините на 8. Санктпетербуршки културен форум, денеска се одржа панел-дискусијата „Националните медиуми – телевизиите во словенските држави” во организација на Форумот на словенските култури, кој годинава одбележува 15 години од своето основање, на која се обрати министерот за култура Хусни Исмаил.
Министерот Исмаили во обраќањето пред присутните истакна дека станува збор за исклучително значајна тема, која ги засега не само словенските, туку и другите земји во светот.
– Националните медиуми, како столб во негувањето на традицијата, на културните вредности и културното наследство, ги поврзуваат различните културни и уметнички иницијативи и овозможуваат интерактивна размена на информации меѓу организациите, уметниците и истражувачите на меѓународно ниво придонесувајќи кон промоцијата на културните вредности за пошироката публика. Од тие причини, во ова време кога информациите лесно и брзо се пренесуваат, следејќи ги новите процеси во културата, нивното регистрирање, презентација и документирање, потребно е да се направи сѐ што е во наша моќ во насока на олеснување и зацврстување на медиумското поврзување заради зачувување и негување на словенската култура и соодветна едукација на генерациите што доаѓаат по нас, истакна министерот Исмаили.
Тој, како што информира Министерството за култура, потсети дека Република Северна Македонија, како една од земјите основачи на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури” (ФСК), преку Министерството за култура активно е вклучена речиси во сите иницијативи, активности и проекти што ги афирмираат културните различности, ја поттикнуваат соработката и овозможуваат планирање на една квалитетна развојна културна политика која е во полза на словенските држави.