Македонско-руската економска соработка не е во чекор со постоечкиот потенцијал. Голем е бројот на компании од двете држави заинтересирани за соработка и инвестиции, што е впрочем и целта на Протоколот на меѓувладината Комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка што денеска во Охрид го парафираа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и рускиот заменик-министер за индустрија и трговија, Алексеј Груздев.
На обостран интерес после петгодишна пауза се одржува средбата на делегации на владите на двете држави, со учество на компании и фирми од земјава и од Русија, заинтересирани за економска соработка.
– Во изготвувањето на документот фокусот на вниманието го насочивме кон повеќе области од обостран интерес, меѓу кои енергетика, транспорт, земјоделство, туризам, но и соработка во финансискиот сектор, појасни министерот Димковски.
Македонското учество во меѓусебната трговска размена со Руската Федерација во моментов најголем дел се однесува на извоз на земјоделски производи и производи од фармацевската индустрија.
– Ги запознавме руските бизнисмени со можностите како да инвестираат во фирми, во државно земјоделско земјиште, потоа во инвестиции што веќе се таму како овошните и раноградинарските продукти, така што се надевам дека преку ваквите средби ќе иницираме нова бизнис-соработка, меѓу другото и во насока на јакнење на пријателските и бизнис-врски, рече Димковски.
Претседателот на руската делегација во меѓувладинаата Комисија, Груздев, истакна дека бројната руска бизнис-делегација е тука за да понуди дел од своите производи и услуги пред нивните партнери тука во Северна Македонија.
– Не е доволно искористен потенцијалот за трговско-економска соработка. Постои интерес кај бизнис-заедницата за соработка во областа на електроиндустријата, развојот на алтернативните форми на енергија, транспортна инфраструктура, земјоделски производи, соработка во цивилната авијација, автомобилската индустрија, голем е и потенцијалот за фармцевската и биотехнолошката индустрија, рече тој.
Остварената трговска размена меѓу двете држави од 120 милиони долари реализирана минатата година е далеку помала од можностите, трипати помала од руските инвестиции во земјава што достигнуваат некаде околу 400 милиони долари.
– Бизнис-форумот одржан вчера само го нагласи тоа, ги посочи можностите за натамошно унапредување на соработката на компаниите на двете држави. За инвеститорите е важно да се запознаат со условите за вложувања во одредена земја. Вчера со македонските власти разговаравме токму на таа тема и ги разгледувавме точно насоките каде има потенцијал за инвестирање. Руските компании се заинтересирани за инвестиции во електроенергетскиот сектор, така што се очекува тие да дадат свои понуди на тендерите што ќе се распишуваат во иднина, а најавите за изградба на нови клиники и здравствени установи верувам дека ќе бидат интересни за руски понуди за соработка, рече Груздев.
На бизнис-форумот било разговарано и по прашањето за воспоставување подобра авионска поврзаност меѓу двете држави, со забелешка дека останува на самите авиооператори да увидат постои ли евентуален интерес од воспоставување директни линии, односно дали би имале соодветна економска оправданост.
И премиерот Зоран Заев вчера во рамки на бизнис-форумот одржан во Скопје по повика руските компании да ги искористат бизнис поволностите што ги нуди земјата, да инвестираат и да реализираат заеднички проекти со македонските партнери во сите области од заеднички интерес.
– Односите со Руската Федерација се традиционално пријателски, но потенцијалите во делот на економијата не се доволно искористени и во овој сегмент мора да работиме. Во дијалогот на Меѓувладината комисија која повторно почнува со работа, од оваа година е внесена нова динамика. Мора да имаме успех. Верувам дека ќе постигнеме сериозен исчекор, рече Заев.
Како што истакна, во вкупната трговска размена на земјава делот со Руската Федерација оваа година изнесува само 1,1 отсто.