Од невладината организација „Лекари без граници” на нивниот официјален „Твитер” профил доцна синоќа објавија дека пред неколку дена, деветмесечно бебе починало од дехидрација во прифатниот центар за бегалци и мигранти Мориа на грчкиот остров Лезбос, јави дописничката на МИА од Атина. Лекари без граници, за смртта добиле потврда од локалната болница од островот, а потврда денес има и од Центарот за прием и идентификација во Мориа за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Според нивните информации, во неделата вечерта на 10 ноември, бебето било пренесено кај дежурниот лекар во прифатниот центар кој дијагностицирал симптоми на дехидрација, веројатно од патолошки причини, а на пат кон болницата починало, каде што само била констатирана смрт.
Бебето било од Конго, а заедно со неговите родители било смеестено во прифатниот центар на Лезбос.