Во големата сала на Филхармонијата на 30 ноември биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ) ќе ги изведе најдобрите теми на една од најпопуларните музички групи на сите времиња, „Рејдиохед“.
Станува збор за проектот под наслов „RADIOHEADJAZZ!“ со џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група „Рејдиохед“ – бенд кој од своето постоење до денес изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот и донесе прогресивен, иновативен и моќен звук.
„Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци и тоа за првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена“, информираат од ЗЏМ за концертот чиј почеток е закажан во 20 часот и додаваат дека со овој проект ја прошируваат својата репертоарна политика и естетските хоризонти.
Со биг-бендот на ЗЏМ ќе диригира Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни фантастични настапи со овој ансамбл.