Анѓушев: Енергетската заедница ја прогласи Македонија за шампион на енергетските реформи

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, ја започна работната посета во Вашингтон ДЦ, со учество на панелот „Енергетска безбедност во Источниот Медитеран“, кој се одржа во рамките на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен медитеран „Нови стратегии – нови перспективи“, во организација на Делфи форумот и весникот Катимерини.  На панелот учествуваа и грчкиот министер за развој и инвестиции Адонис Георгиадис и министерот за надворешни работи на Кипар Никос Кристодулидес. Вицепремиерот Анѓушев посочи дека Република Северна Македонија, како мала земја, мора да биде и е отворена за секаков вид на соработка со другите земји, особено кога станува збор за соработка во енергетскиот сектор. Тој се осврна на имплементацијата на Владните економски политики и потенцираше дека во изминатиот период се реализирани одлични економски резултати кои се претставени преку намалувањето на невработеноста, покачувањето на просечните плати, растот на индустриското производство, нивото на странски директни инвестиции, што доведе до раст на БДП од над 3% во последните 5 квартали.

Нашата земја, но и другите земји во регионот, во поглед на производството на електрична енергија се во голема мера зависни од производството на термоцентралите од јаглен, а согласно новите трендови за заштита на животна средина, потребна е транзиција кон поеколошки капацитети за производство на енергија, користејќи ги обновливите извори. Запрашан како го оценува имплементирањето на реформите во енергетскиот сектор и кој проект би можел да го издвои како клучен во насока на енергетска транзиција и зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори Вицепремиерот се повика на последниот годишен извештај од Енергетската заедница, со кој Северна Македонија е посочена како лидер во имплементацијата на реформи во овој сектор.

„Во последниот редовен годишен извештај, објавен денес, Енергетската заедница го нотираша напредокот во имплементација на реформите во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и ја посочи нашата земја како шампион во спроведување на енергетски реформи.  Усвојувањето на Законот за енергетика во мај 2018 година и имплементацијата на сите реформи кои произлегуваат од овој Закон по предвидената динамика носат многу можности за развој на енергетскиот сектор во Северна Македонија, особено кога станува збор за обновливите извори на енергија. Сведоци сме за успешно реализирана тендерска постапка за изградба на првите 19 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични електрани на државно земјиште. Тендерот беше одлично конципиран и условите многу атрактивни за инвеститорите, почнавме со позитивна понуда за Премиуми, но со поддавањето помеѓу заинтересираните компании, не само што државата нема да исплаќа Премиуми, туку и компаниите за да ги изградат тие фотоволтаични електрани од 19 мегавати ќе и исплатат на државата околу 2 и пол милион евра, што е еден позитивен исчекор во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и еден од најдобрите проекти во Југоисточна Европа“, потенцира Вицепремиерот. Говорејќи  генерално за енергетиката, Анѓушев посочи дека за успешно енергетско живеење во предвид треба да се замат енергетската инфраструктура, изворите на енергија, како и правната регулатива во енергетскиот сектор.

„Кога зборуваме за електро – енергетската инфраструктура, можам да кажам дека нашата земја е многу добро поврзана со соседните преку 8 постоечки далекуводи, а за уште подобро поврзување во тек се процедурите за изградба на уште еден далекувод за електро – енергетско поврзување со Албанија. Она што ни недостига е добро гасно поврзување. Во моментов има само една гасоводна цевка за снабдување која доаѓа од Бугарија, пришто во голема мерка зависиме од снабдувањето со гас преку Гаспром. Нашиот главен приоритет во таа смисла е изградбата на гасоводен интерконектор помеѓу Северна Македонија и Грција, со кој би се поврзале со Трансатлантскиот гасоводен систем и терминалите за природен гас на брегот на Егејското море. Изработена е физибилити студијата и одредена е трасата по која ќе поминува овој гасовод, во тек сме со изработка на студијата за заштита на животната средина и основен проект, обезбедени се и финансиски средста преку Европската инвестициона банка, што значи дека сме веќе во финална фаза пред објавување на тендерската постапка за изградва на гасниот интерконектор. Заедно со Република Грција треба да работиме на овој проект, на тој начин би се зголемила конкурентноста во снабдување со гас, што значи и сигурност и поповолни цени за крајните потрошувачи “, потенцираше вицепремиерот Анѓушев. Во рамките на конференцијата, Вицепремиерот се сретна и со Вилбур Рос, секретарот за трговија во Стејт Департментот, со Метју Палмер, Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, како и други претставници од политичкиот и економски живот во САД.

 

Треба да знаете
Последни објави