Чистачка од Србија и нејзиниот невработен син заработиле над 1,9 милион евра работејќи хонорарно како преведувачи на австриската полиција, објавија тамошните медиуми. Мајката и синот неодамна беа процесуирани.
Бидејќи Виена со текот на времето бележи зголемување на криминалните дела извршени од луѓе од нашитепредели, австриската полиција имала голем проблем со превод на снимени телефонски разговори и сослушувања, што честопати доведувало до недоразбирања и, подоцна, до ослободителна или поблага пресуда.
Тие морале брзо да договорат преведувач, па ја ангажирале Весна Д. (53), чистачка од Србија, затоа што ги разбирала и српскиот и ромскиот јазик.
Медиумите јавуваат дека Весна била неписмена, но од 2006 до 2016 година таа преведувала за полицијата. За период од 10 години, таа заработила 1.163.397 евра, што според извештаите на медиумите, е повеќе од просечниот приход на еден Австриец.
Поради зголемениот обем на работа, полицијата во 2010 година го ангажирала хонорарно и нејзиниот невработен син Драган Д. (36), кој заработил 740.176 евра за шест години.
Според информациите дадени на јавноста, Весна Д. и Драган Д. ѝ должеле 741 000 евра на државата, па минатата недела се нашле пред австрискиот суд. Судскиот процес против Весна бил одложен поради болест на обвинетиот, а нејзиниот син Драган по совет на неговиот адвокат се изјаснил за виновен и му била изречена казна затвор во траење од четири месеци и општествено корисна работа.