На претстојната средба на „нормандската четворка” (Русија, Германија, Франција и Украина) во Париз украинската страна планира да го постави прашањето за враќање на целата територија на Донбас под контрола на Киев. Ова денеска го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничкиот брифинг со чешкиот премиер Андреј Бабиш.
-Сакам да зборувам за враќање, деокупација на Донбас, во некакви повеќе или помалку конкретни рокови. Ќе зборувам за тоа, ќе поставувам прашања, рече Зеленски, цитиран од Тасс.
„Има сериозни прашања кои се поврзани со безбедноста, има хуманитарни прашања, социјални, има прашања поврзани со локалните избори, за можностите за кои ние треба да зборуваме откако таму (во Донбас) нема да има никакви незаконски воени формации”, забележа Зеленски.
Тој додаде дека планира да го постави и прашањето за роковите за размена на заробеници.
Украинскиот претседател подвлече дека Киев „се подготвува многу сериозно за оваа средба” и дека сака на овие преговори да се постигнат „реални резултати”.
Средбата на врвот е планирана за 9 декември во Париз.