На крводарителска акција што се одржа денес во Крива Паланка, во спортската сала на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски” зграда Партизан, собрани се вкупно 47 единици крв.
Акцијата е прва за овој месец и е во организација на Црвен крст на Република Северна Македонија- општинска организација Крива Паланка, а се реализира во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Скопје.
-На денешната акција се одзваа голем број хумани граѓани, а за посебна почит е што и голем број припаднички на понежниот пол беа дарители, од нив повеќето даруваа крв за првпат. Во ноември предвидено е да се реализира уште една акција, овојпат во соработка со средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, кое слави шеесет години постоење, изјави Дарко Пешовски, секретар на општинската организација на Црвен крст, Крива Паланка.
Кривопаланечката општинска организација на Црвен крст е редовно меѓу најуспешните во државата во однос на реализација на годишниот план за крводарувања, бидејќи најчесто го натфрла за повеќе од дваесет отсто повеќе години наназад.