Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг изјави дека Европската комисија има одлучувачка улога во дефинирањето на елементите во процесот на проширување кои може да се подобрат.
– Одлучувачко ќе биде тоа што ќе го претстави Европската комисија. Комисијата е таа која има водечка улога кога станува збор за техничкото и секојдневно следење на политиката на проширување, рече Шаленберг.
Австрискиот министер истакна дека францускиот предлог „нема да биде единствен на маса” кога ќе се разговара за методологијата на проширувањето.
Тој додаде дека повеќе земји од ЕУ за време на состанокот во Брисел истакнале дека ќе се приклучат на писмото испратено од шест земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Австрија, до Европската комисија за реформа на политиката за проширување.
– Подготвени сме позитивно и конструктивно да се ангажираме во дискусијата за тоа како да се подобри процесот на проширување. Секогаш има простор за такво нешто, но јасно кажуваме дека тоа не може да биде предуслов за новите чекори на Албанија и Северна Македонија, рече Шаленберг.
Тој истакна дека разговорите за реформата на проширувањето и новите чекори во пристапувањето се „две одвоени работи”.