По повод излегувањето од печат на романот „Александар и Клеофила” од Паскал Гилевски, во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив” од 12 до 15 часот ќе се одржи книжевна средба со писателот.
– Инспирирана е од најголемото љубовно доживување на Александар Велики и волшебната индиска кралица Клеофила. Гилевски ги испреплетува двете љубовни приказни, мајсторски мешајќи ги времињата, античкото и нашето време, наведува издавачот за книгата.
Паскал Гилевски (Сетома, 1939) е автор на богат поетски, прозен и критичко-есеистички опус, високо вреднуван од критиката. Меѓу неговите најчитани романи е „Зоја”, кој во изминатите три децении имаше повеќе изданија и преводи на други јазици.
Гилевски е добитник на национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на „11 0ктомври”, „Стале Попов”, „Рациново признание” и „23 Октомври”. Член е на Унгарската академија на науките и уметностите од 1996 година.