Игор Кокошков доби дозвола од кошаркарскиот НБА-лигаш Сакраменто Кингс да го преземе кормилото на репрезентацијата на Србија. Генералниот менаџер на Сакраменто, Владе Дивец веќе му честиташе на 47-годишниот кошаркарски стручњак новата функвција преку социјалните мрежи.
Останува Кошаркарската федерација на Србија да ја направи официјалната промоција. Кокошков е асистент во стручниот штаб на Сакраменто. Српскиот кошаркарски стручњак Кокошков е поранешен трофеен селектор на Словенија со која го освои ЕП кога во финалето ја совлада токму селекцијата на Србија.
Кокошков тренерската кариера ја почнал уште во 1992 година во ОКК Београд, а после една сезона поминато со младинскиот тим на Партизан се пресели во САД. Како асистент во НБА лигата работел во ЛА Клиперс, Феникс, Кливленд, Орландо и Јута а во сезоната 2018/19 го имаше и првиот самостоен ангажман како тренер на Феникс. Оваа сезона е помошник во стручниот штаб на Сакраменто.