Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на самитот на Европската Народна Партија во Загреб оствари повеќе билатерални средби. Тој оствари средби со претседателот на Европскиот Совет и иден претседател на Европската Народна Партија Доналд Туск, потпретседателот на Европската комисија за Работни места Јирки Катајнен, Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и лидерот на албанската опозиција Љуљзим Баша.
Мицкоски на средбата со идниот претседател на ЕПП, Доналд Туск изрази загриженост за состојбите во Република Македонија, недостигот на правда, зависниот и корумпиран правосуден систем, како и растечката сиромаштија.
Побарав поддршка за Република Македонија на планот на Европските интеграции. Туск како пријател на нашата земја изрази подготвеност да помогне на патот кон Европската Унија и градење на продлабочено партнерство и соработка со ВМРО-ДПМНЕ како членка на Европската Народа Партија. Идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите потенцијали и пријателства да се одблокира европскиот пат, и да се спроведат реформи кои ќе донесат стандарди, подобар живот и обнова која им е потребна на граѓаните, потенцираше Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на средбата со Јирки Катајнен, досегашен евро комесар, потпретседател на Европската комисија за Работни места, раст, инвестиции и компетитивност и поранешен премиер на Финска дискутираше за новите технологии и инвестиции на ЕУ и можностите и перспективите за развој на Република Македонија во оваа сфера.
Мицкоски и Пленковиќ ги констатираа одличните односи на двете сестрински партии, при што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ја побара хрватската поддршка за Европските интеграции на Македонија.
Очекувам одлична соработка на идната македонска Влада со Владата на Република Хрватска, и реформи кои ќе не стават на брза патека кон ЕУ, истакна Мицкоски.
Пред почетокот на самитот Мицкоски оствари средба и со лидерот на албанската опозиција Љуљзим Баша на која двајцата соговорници разменија искуства, размислувања и погледи за иднината на нашите земји и регионот.
Пред нас имаме тешка задача за надминување на предизвиците и обнова која треба да донесе поубав живот на сите граѓани, заклучи Мицкоски.