Со свечена церемонија и во присуство на албанскиот амбасадор, почесни конзули, владини министри и градоначалниците од пелагонискиот регион, во Битола отворен е Почесен конзулат на Република Албанија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши Имер Селмани.
Почесниот конзулат на Република Албанија во Република Северна Македонија за прв пат се отвора во Битола, во градот каде пред 111 години беше унифицирана албанската азбука, истакна Селмани.
-Битола е град кој има историска меморија за албанците. Тука пред 111 години, уште пред официјално да се формира Република Албанија и пред да се има држава, направени се огромни титански напори за да се унифицира азбуката, албанската азбука која денес сите ние албанците ја употребуваме и се разбираме. Но, оваа чест не е само наша, тоа е чест за Битола и цениме дека во овој град на конзулите, со отворањето на овој конзулат ќе го збогатиме, ќе направиме позитивни чекори и заедно со нашите пријатели македонци, турци, власи и сите останати што живееме тука под исто сонце со кои делиме исто минато, иста иднина, се стремиме да бидеме во семејства како што се НАТО и ЕУ. Сакаме овој град и целата држава да ја направиме подобро место за живеење, истакна Селмани на свеченоста во Битола.
Почесниот конзулат на Република Албанија во Битола е лоциран на Широк Сокак, на улицата каде се и почесните конзулати на Франција, Турција, Руска Федерација, Романија, Србија, Црна Гора, Унгарија, Босна и Херцеговина, Австрија, Украина и Грција, додека Република Бугарија во Битола има генерален конзулат.