Единаесетгодишниот Јане Велковски од Северна Македонија учествува на самитот на УНИЦЕФ во Њујорк по повод Светскиот ден на децата, каде што ќе зборува за детските права. Малиот Јане се запозна и со фудбалерот Дејвид Бекам, кој исто така ќе се обрати на настанот.
„Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Но, истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот“, рече Јане пред да замине во Њујорк.
Јане ќе учествува во интерактивниот дел во кој ќе бидат претставени деца застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добрата волја. Тој ќе зборува заедно со други четири деца за време на панел-дискусијата со наслов „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.
„Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса. Многу се гордееме што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека како и секое дете, и децата со попреченост со себе носат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес за да изградиме инклузивни и одржливи општества за сите“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.