Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 25-годишен скопјанец, во неговиот дом во Ѓорче Петров неовластено заради продажба држел опојна дрога марихуана со вкупна нето-маса од 129,51 грама. При претресот била пронајдена и една дигитална вага, како и остатоци од амфетамин и кокаин.
Овластените полициски службеници во неговиот дом пронашле и одзеле и 15 куршуми кои се изведени со оловен проектил со калибар 22LR, како и еден куршум со калибар 7,65 мм.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и на можност осомничениот да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и предлог за определување мерка притвор.