Потрошувачите најмногу се жалат на проблеми со телевизори, мобилни телефони, фрижидери и машини за перење. Не заостануваат ниту туристичките аранжмани и телекомуникациските услуги.
Од Организацијата на потрошувачи апелираат до граѓаните да се информираат за своите права и секогаш при купување на нов производ да побараат фискална сметка и гарантен лист.
– Најчесто поплаките се за техничките производи и белата техника. Од техничките производи тука се телевизорите и мобилните телефони, а од белата техника фрижидерите и машините за перење. Потоа следуваат проблемите со услугите од кои би ги издвоил туристичките патувања кои во летниот период се во голем број. Најчесто едни исти агенции ги прекршуваат потрошувачките права, но за среќа Државниот пазарен инспекторат си ја врши работата и ги заштитува граѓаните. Од јавните услуги, најголем број поплаки се од телекомуникациските услуги, вели Бранко Костовски, правен советник во ОПМ.
Тој препорачува граѓаните да проверат дали производот е во исправна состојба кога им се доставува до домот.
– Ако потпишат дека производот е во исправна состојба, а кога ќе го отворат дома и ќе видат дека нешто не е во ред, тогаш не ќе може тоа да го докажат. Затоа апелираме на лице место да ги проверуваат производите, истакнува Костовски.
Од ОПМ секојдневно со низа активности и промотивни материјали се обидуваат да ги информираат граѓаните за нивните потрошувачки права. Таква активност се одржа и денеска во трговскиот центар „Сити мол” каде на граѓаните им се делеа информативни флаери за енергетскиот сертификат за згради, данокот на промет на недвижности, дигиталниот пазар и фотоволтаичните системи.
ОПМ има дадено над 2.600 советувања, а 80 проценти од поплаките доаѓаат од Скопје.