ВМРО-ДПМНЕ, во недостиг на конструктивни предлози, повторно шири шпекулации за работата на Општина Центар

Реакција на Општина Центар на прес-конференција на Васко Робовалиев

„ВМРО-ДПМНЕ, во недостиг на конструктивни и издржани идеи и предлози, повторно преку своите општински структури шири полуинформации и шпекулации за работата на Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ.

За разлика од Васко Робовалиев, јавноста се сеќава на едни не толку дамнешни времиња, кога токму нивните кадри ја предводеа општината и како тогаш се донесуваа Детални Урбанистички Планови, за рекордно време од неколку денови и истите се гласаа на Совет во 3, 4 и 5 часот наутро, за време на летните одмори.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните паметат дека токму тие ДУП-ови ќе останат запаметени како една црна криминална дамка од модерната македонска историја, планови кои засекогаш го изменија изгледот на главниот град со спомениците, барокот и градбите од проектот „Скопје 2014“. Граѓаните паметат и како по наредба на сега бегалецот, тогаш премиер, Никола Груевски, во раните утрински часови советниците гласаа ДУП-ови, без никаков увид на јавноста, за некој да си бира плацеви на Водно.

Јавната анкета за двата ДУП-а, Маџир Маало 1 и 2, како и јавната презентација на истите, се чекори кои се дел од регуларната процедура за донесување на ДУП-ови, истите чекори се испочитувани и господинот Робовалиев би требало да го знае тоа. Во презентираните предлози за Маџир Маало се предвидува нова детска градинка, подобрени решенија на улиците, воспоставување на пешачка зона на Кејот на реката Вардар, нова пешачка патека, се зголемува просторот за движење на велосипеди и за дури 8 пати е зголемено јавното парковско зеленило.

По презентацијата на предлог ДУП-овите, следува разгледувањето на сите пристигнати забелешки и анкетни листови, кои ќе бидат вметнати во конечната верзија, која потоа, по завршувањето на сите фази, ќе биде доставена до останатите надлежни институции на проверка.

За разлика од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои за повеќе од 10 години една шајка не успеаја да заковаат во Маџир Маало, ова општинско раководство, предводено од градоначалникот Богдановиќ, работи напорно и посветено. Комплетно е реконструирана главната улица која минува низ Маџир Маало, улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“, каде за прв пат воопшто беше изведена атмосферска и фекална канализација. Во тек се реконструкциите на улиците „Петричка“ и „Титовелешка“, каде покрај асфалтирањето, се поставува нова атмосферска, фекална и водоводна канализација. На улицата „Браќа Кошулчеви“ е поставена нова фекална канализација, а за маџирмаалци, општината изгради и летниковец во срцето на самата населба.

Оттука, доколку господинот Робовалиев, или неговата матична партија, ВМРО – ДПМНЕ, имаат некакви предлози, идеи или забелешки за Маџир Маало или по кое било друго прашање наменето за општината, ги повикуваме да ни се обратат нам, а не преку вакви прес конференции да шират дезинформации и со тоа да ја замајуваат јавноста.“

Треба да знаете
Последни објави