Поранешниот премиер на Непал, Мадхав Кумар Непал на МБУ зборуваше за климатските промени како светски предизвик

Поранешниот премиер на Непал, Мадхав Кумар Непал денес одржа почесно предавање на Меѓународниот Балкански Универзитет на тема „Иднината на светот: зелена и паметна” на кое пред присутните зборуваше за најголемиот предизвик кој стои пред човештвото – Климатските промени. Притоа, тој потенцираше дека Земјата е наше заедничко живеалиште и за таа да се спаси, најголема жртва е потребна од нациите што произведуваат големи количини јаглерод. Според него, решението за овој проблем секако е економско и затоа многу е битен моделот на економскиот развој кој треба да се промени бидејќи мора да се размислува за луѓето, за нивната среќа.

„Среќата има два аспекти, едниот е материјалниот, другиот е духовниот. Треба да се обрне внимание токму на ова, без разлика за кој аспект станува збор и да се примени сестран развој на општеството и луѓето“, рече Непал.

Кумар Непал, еден од најголемите политичари на денешницата, меѓу другото е запаметен и по седницата на неговиот Кабинет, одржана во близина на базниот камп на Монт Еверест, непосредно пред Конференцијата на ОН за климатски промени во Копенхаген, на која сите министри носеа маски за кислород. Од оваа седница членовите на Кабинетот испратија порака за влијанието на глобалното затоплување врз Хималаите. Притоа беше донесена и „Декларација за Еверест“ која го повика светот да го минимизира негативниот ефект од климатските промени врз највисокиот врв во светот, Монт Еверест и другите планини во опсегот на Хималаите.

„Снеговите се топат, исчезнуваат и глечерите и ефектот од климатските промени е многу видлив на врвовите на планините. Климатските промени не влијаат само на Непал, туку ќе имаат влијание и на огромната популација на Индија и Бангладеш, но не само таму. Целата вода од Хималаите ќе се слее во морето, нивото на водата ќе се подигне и најголемо влијание ќе има врз островските земји и врз крајбрежните земји во светот. Ова е огромен и сериозен проблем и поради тоа треба да посветиме внимание и со заедничка акција да се посветиме на негово решавање“ рече Непал.

Државата Непал, која е дом на осум од 14-те највисоки врвови во светот, вклучувајќи го и Монт Еверест, е ранлива на климатските промени и покрај тоа што е одговорна за само 0,025% од глобалните емисии на стакленички гасови, меѓу најниските во светот. Па така, и без свое влијание, Хималаите сепак се загреваат, како последица на активностите на развиените земји.

Хималаите имаат важна улога во рамнотежата во животната средина во светот. Проценето е дека температурата во Непал може да се искачи за дури 2 степени Целзиусови до 2030 година.

Поранешниот премиер на Непал е познат на светската јавност и како човек со напредни размислувања и со неговите заложби за промовирање на достоинството на Непал, социјалниот и економскиот развој. Посебно е ценет заради неговата улога што ја одигра како архитект на мировниот процес на Непал, притоа ризикувајќи ја својата лична безбедност и политичка кариера. Тој беше клучен за решавањето на насилните и вооружени немири кои траеја од 1996 до 2006 година.

На меѓународната сцена, тој активно учествувал на повеќе од стотина меѓународни работилници, семинари и конференции. Голем придонес даде за понатамошно развивање на односите на Непал со другите земји и помогна во промовирањето на меѓународното разбирање.

 

 

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави