Турција не планира да ја продолжи офанзивата во Сирија

Турција нема да ја продолжи воената офанзива во североисточна Сирија, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на неименуван безбедносен извор.

Операцијата на Анкара против курдските сили долж сириската граница, која Турција ги смета за терористи, траеше девет дена во средината на октомври. На 17 октомври, Турција се согласи на американскиот прекин на огнот пет дена за да им дозволи на курдските сили да се повлечат од областа.

Во обид да избегне натамошната експанзија на турските трупи на територијата на Сирија, владата на Дамаск постигна договор со курдската алијанса на милициите, СДФ, за распоредување на сириската армија во пограничните области. Дамаск ја смета турската офанзива за кршење на суверенитетот на Сирија.

На крајот од прекинот на огнот, рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган се договорија на 22 октомври дека ќе биде поставена тампон-зона во Северна Сирија, 30 км од границата, а Русија и Турција заедно да патролираат во потесна погранична лента од 10 км долж границата.

Оттогаш Анкара ги обвини Курдите за организирање напади во погранични градови под турска патрола и покрај нивното повлекување од областа. Во саботата, турското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините безбедносни сили одговориле на вознемирување и напади наводно извршени од курдските милиции.

Турција, исто така, ги обвини и САД и Русија дека не го исполниле својот дел од договорите и се закани дека ќе ја продолжи операцијата, поради што Русија ги засили патролите на воената полиција во таа област.

Треба да знаете
Последни објави