Исланд го приреди најголемото изненадување во досегашниот дел од европскиот шампионат, откако во извонреден меч ја декласираше Франција со убедливи 29-21. „Триколорите“ како големи фаворити влегоа во натпреварот, поради серијата победи од досегашниот дел од ЕП, како и поради фактот дека Исланѓаните во последните три дена добија дури осум позитивни тестови на коронавирус, меѓу нив и на најдобриот ракометар на оваа селекција, Арон Палмарсон.
Сепак, и така сериозно ослабени исландските ракометари собраа сили за фантастично издание во Будимпешта. Мечот беше израмнет само во првите десетина минути, кога по 4-4 следеше фурија на исландскиот национален тим, кој експресно поведе со 10-5. Французите, кои на овој меч на клупата го немаа селекторот Жил поради коронавирус, беа во шок и не успеаја да се разбудат, а очајниот финиш на полувремето придонесе „триколорите“ на одмор да заминат со огромна негатива од 17-10. Надежите за чудесен камбек исчезнаа уште на самиот почеток од вториот дел, откако стана јасно дека Исланд одлично ја има анализирано играта на противникот, а Французите намат никакви шанси да влезат во серија со која би се вратиле целосно во мечот.
Магнусон со десет гола беше најефикасен во исландскиот национален тим, девет погодоци постигна Кристјансон, а извонреден на голот на Исланд беше Халгримсон. На спротивната страна најефикасни беа Мин, Турна и Деска со по пет погодоци.
Правдата на овој натпревар ја делеа македонските судии Начевски и Николов, кои одлично си ја завршија работата.