Земјотресот кој утрово ја погоди Албанија, а кој беше силно почувствуван и во Црна Гора, е еден од најсилните регистрирани, покрај оној од 1979 година, изјави началничката во црногорскиот Заводот за сеизмологија Јадранка Михаљевиќ.
Таа потенцираше дека не може да се процени дали во следните денови епицентарот би можел да биде и во Црна Гора.
– Генерално, не би требало…единствено да дојде до некои поместувања долж Јадранот, но во овој момент не можеме да процениме.
Таа истакна дека после вака силен земјотрес, серијата потреси може да трае и до два месеца, но и дека поинтензивни потреси се очекуваат во следните денови.
– Земјотресот од 21 септември, кој изнесуваше 5,6 степени по Рихтеровата скала беше вовед во активацијата на сеизмогената активност. Тлото и натаму не мирува, посочи Михаљевиќ.
Најмалку шест лица загинаа, а повеќе од 300 луѓе се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер што рано утрово ја погоди Албанија.
Се уште не е позната судбината на четворица косовски граѓани кои биле сместени во мал хотел во Драч кој е целосно урнат. Не се исклучува можноста во хотелот да настрадал и некој од персоналот.