Најмалку девет лица загинаа, а 325 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала, кој утрово ја погоди Албанија.
Земјотресот предизвика голема материјална штета, но и паника меѓу жителите на Тирана. Според извештаи на албанските медиуми во земјотресот загинале девет лица, додека според ТиранаПост животот го загубиле најмалку седум лица, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, кое останало затрупано под урнатините.
Епицентар на потресот е лоциран меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси, од кои последниот, со интензитет од 5,4 степени беше евидентиран во 7.10 часот.
Во тек се спасувачки операции, во обид да се извлечат затрупаните од под урнатините. Покрај другите структури во справување со ситуацијата вклучени се и над илјада припадници на полицијата, како и пожарникарските служби и војската.
Соседно Косово соопшти дека е испратен тим за итни ситуации, кој ќе помогне во спасувачките акции, додека ЕУ и САД веднаш понудија итна поддршка.
„Европската Унија и стои на располагање на Албанија по земјотресот кој ја погоди земјата рано изутринава”, соопштија службите за надворешни работи на ЕУ. „ЕУ е солидарна со Албанија и подготвена да понуди асистенција, вклучително преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Нашиот центар за координација на итната помош е во постојан контакт со властите за цивилна заштита на Албанија”, информираат од прес службата.
Албанскиот премиер Еди Рама, на својот профил на Твитер објави дека Црна Гора и Србија испратиле свои спасувачки тимови во Албанија.
– Црногорскиот премиер (Душко) Марковиќ ми кажа дека специјален тим за евакуација на повредените е на пат кон Албанија, додека друг спасувачки тим тргна од Србија – ми кажа претседателот (Александар) Вучиќ, напиша Рама.
Албанското Министерство за спорт, образование и млади информираше дека е откажана наставата во училиштата во Тирана, Драч и Лежи.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов информираше дека ќе биде испратени екипа во Албанија за помош на граѓаните.
„Во договор со градоначалникот на Тирана, Град Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето на преживеани под урнатините. Правиме сè што е можно за помош во овие трагични моменти”, истакна Шилегов.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница како прва точка ќе ги разгледа сите можности за помош на Албанија по ноќешниот силен земјотрес во кој има и човечки жртви. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изрази сочуство до семејствата на загинатите и кажа дека тој утринава веќе неколку пати зборувал со албанскиот министер за надворешни работи со цел да ги чуе нивните потреби за помош.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, веднаш по посетата на официјално Скопје, ќе отпатува во Албанија, во знак на солидарност по силниот земјотрес.
– По наредба на грчкиот премиер, итно ќе биде доставена помош на Албанија заради справување со последиците од земјотресот, кој ја погоди земјата”, напиша Дендиас на Твитер, дополнувајќи дека од Скопје заминува во Тирана.
– Се прави се што е можно да се извлечат луѓето од под урнатините, изјави Мета.
Претходно тој ги посети повредените во клиниката за трауматологија во Тирана. – Денеска е важно да се биде со луѓето кои имаат потреба. Битно е, исто така, што побрзо да се евидентираат сите оштетени објекти во погодените области. Би сакал да се заблагодарам на медицинскиот персонал, кој е во целосна готовност, рече Мета.
Претходно и премиерот Еди Рама ситуацијата ја оцени како драматичен момент.
Земјотресот е почувствуван во Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Италија. Потресот најсилно е почувствуван во црногорските градови Подгорица и Улцињ, кои од епицентарот се оддалечени 120, односно 70 километри. Засега нема информации за евентуална материјална штета или повредени во Црна Гора.
– Земјотресот кој утрово ја погоди Албанија, а кој беше силно почувствуван и во Црна Гора, е еден од најсилните регистрирани, покрај оној од 1979 година, изјави началничката во црногорскиот Заводот за сеизмологија Јадранка Михаљевиќ. Таа потенцираше дека не може да се процени дали во следните денови епицентарот би можел да биде и во Црна Гора.
Михаљевиќ истакна дека после вака силен земјотрес, серијата потреси може да трае и до два месеца, но и дека поинтензивни потреси се очекуваат во следните денови.
– Земјотресот од 21 септември, кој изнесуваше 5,6 степени по Рихтеровата скала беше вовед во активацијата на сеизмогената активност. Тлото и натаму не мирува, посочи Михаљевиќ.
Ова е втор земјотрес кој ја погодува Албанија за нешто повеќе од два месеци. Земјотрес со јачина од 5,6 степени го затресе тлото во таа земја на 21 септември, кој беше оценет како најсилен во последните 30 години. Фотографиите од урнати или полусрушени згради сугерираат дека денешниот земјотрес е посилен од оној во 1979 година, што го погоди северниот град Скадар, на границата со Црна Гора. Ниту еден од тие два претходни земјотреси не предизвика жртви.