Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретна со пензионерите во Кичево со кои разговараше за претстојното зголемување на пензиите и за другите актуелни прашања.
Министерката, како што соопшти МТСП, лично ги информираше пензионерите дека пензискиот систем е стабилен и дека пензиите растеа и ќе продолжат да растат. Исто така, ги информираше за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година кое ќе изнесува 700 денари за сите пензионери, коешто со дополнителните усогласувања до крајот на годината ќе стигне од 860 до 900 денари.
-Покачувањето на пензиите се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата. Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите. Во години на раст на минимална плата над 15 отсто, и на раст на просечна плата за 5 отсто, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5 отсто, рече Царовска.
Заменик директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Илија Ивановски, истакна дека пензиите и следниот месец ќе се исплаќаат без позајмици.
-Приходите во Фондот се зголемуваат, а дефицитот е намален за 10 отсто. Тоа е резултат на зголемената уплата на придонеси и зголемувањето на бројот на вработени во државата, рече Ивановски.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова истакна дека секој заслужува достоинствен живот и ова зголемување на пензиите ќе значи многу за пензионерите.
-Ако гледаме процентуално најголемо зголемување од 5.8 до 7.8 отсто имаме кај најниските пензии до 12.000 денари, а најмало 1.5 до 5.8 отсто над 12.000 до највисоките пензии. Пензија до 12.000 денари во моментот во државава примаат 141.766 лица или 43.94 отсто од вкупниот број пензионери, рече Трајкова и потенцираше дека во моментот има 322.622 пенизонери.