Таа посочи дека изборното ветување од 2016 година, со програмата „План за живот во Македонија“ постепено се реализира. Со цел задржување на докторите, специјалистите во својата држава, со новиот предлог-буџетот се предвидува покачување од 25 отсто на нивните месечни примања во месец февруари 2020 година.
„Заедно со претходните зголемувања на платите на докторите, и тоа од 2018 година за 5% и јануари 2019 година за 10 отсто, вклучително со овие 25%, претставува вкупно зголемување на платите на докторите за 40 отсто само за две и пол години“, истакна Шахпаска.
Таа додаде дека истовремено се зголемиле и износот на дежурствата, па согласно тоа дежурствата на лекарите се движат од околу 3.000 денари, па до 8.000 на терцијално ниво.
„Покрај ова, имаме и зголемување на капитационите бодови и кај стоматолозите и кај матичните доктори и тоа околу 15 отсто“, додаде таа.
Шахпаска посочи дека со предлог-буџетот за 2020 година планирани се покачувања на платите и во секторот на детска заштита, откако претходно над 3.000 вработени во градинките добија повисока плата во просек за 3.000 денари.
Покрај платите, со новиот предлог-буџет предвидено е и проширување на капацитетите на градинките, со цел зголемување на опфатат на деца во претшколска возраст согласно европските стандарди и исполнување на планот до крајот на мандатот бидат опфатени 35.000 деца во претшколските установи, односно градинките, посочи Шахпаска на денешната комисија образложувајќи ги средствата планирани во новиот предлог-буџет за 2020 година.