Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео денеска изрази загриженост поради тоа што Турција го тестира рускиот противвоздушен ракетен систем и покрај повиците на Вашингтон да не го прави тоа, бидејќи може да бидат воведени санкции.
– Тоа е загрижувачки, рече Помпео на прес-конференција во Вашингтон откако турските медиуми пренесоа дека турската војска тестира радари на рускиот ракетен систем С-400.
Помпео рече дека САД и натаму ќе разговараат со Турција и ќе се обидат да најдат решение.
– Не можам да кажам што треба или не треба да работи претседателот. Ние јасно им ставивме до знаење на турските власти дека не го сакаме тој систем, рече Помпео.
На Турција и се закануваат санкции поради купувањето ракетни системи С-400 од Русија и покрај негодувањето на САД кои тврдат дека руското оружје не е компатибилно со НАТО стандардите.