Роџер Федерер коментираше како би се чувствувало доколку Рафаел Надал и (или) Новак Ѓоковиќ го подобрат неговиот рекорд од 20 Гренд слем титули – можеби највредното достигнување на Маестрото од Базе. 33-годишниот Шпанец има 19 трофеи, а 32-годишниот Србин не е премногу далеку со своите 16.
– Ќе бидам во ред со тоа. Се сеќавам дека бев многу среќен кога го срушив рекордот (14 титули на Пит Сампрас). За мене, специјалниот момент беше подобрување на рекордот, а не зачувување. Интересно е да се види колку долго тие ќе продолжат да се натпреваруваат. Тие се неверојатни, рече 38-годишниот Федерер, цитиран од „ТенисВорлд”.
На годинашниот „Вимблдон”, Федерер ја испушти златната шанса за 9-та титула од „Ол-Ингланд” клубот и 21-ва Гренд слем општо, откако не искористи две последователни меч топки и на крајот го загуби драматичното финале од Ѓоковиќ.