Како да се однесувате со децата во случај на земјотрес?

Од вчерашниот силен земјотрес што ја погоди Албанија досега се регистрирани 524 земјотреси во таа област, соопштија од Одделот за сеизмологија при Институтот за наука во Тирана. Изутринава во Скопје и околината повторно беше почувствуван земјотрес чиј епицентар се наоѓа во Крит.

 

Со оглед на тоа што сме сведоци на страшната трагедија што ја погоди Албанија од разорниот земјотрес кој многумина ги фати на спиење, многу е важно да знаеме како да се однесуваме во случај на земјотрес. Особено ако во домот има и деца.

Доколку почувствувате земјотрес, вашата реакција мора да биде адаптирана на местото на кое се наоѓате, бидејќи советите за безбедност не се исти за оние кои за време на земјотресот се надвор на улица, во куќа или во зграда.

Доколку сте во куќа или во зграда најдобро е во текот на потресот да останете внатре и да почитувате четири правила неопходни за вашата безбедност и за безбедноста на децата.

1. Без паника пронајдете ги децата

2. Спуштете се на под

3. Најдете засолниште, на пример под маса

4. Со едната рака држете се за засолништето.

При земјотрес обидете се да ги смирите децата и кажете им дека потресот ќе трае само уште малку бидејќи повеќето земјотреси не траат подолго од една минута. Никако немојте да се обидете да истрчате од зграда на улица, бидејќи повеќето луѓе се повредуваат на скали или во лифт (во кој никако не треба да влезете) додека се обидуваат да излезат.

Оддалечете ги децата од прозорци, врати, рамки за слики и лустери. Од приземје или прв кат на зградата/куќата може да излезете на улица но мора да имате план каде ќе престојувате за време на земјотресот. Важно е, доколку излезете да бидете на чистина, оддалечени од кабли или евентуално рушење на куќата или зградата. Терасата не е место на кое би требало да престојувате за време на земјотрес.

Доколку со детето се најдете на улица за време на земјотрес заштитете ја неговата глава и вашата. Обрнете внимание на околината. Ако сте во близина на зграда, улични светилки, струјни кабли, веднаш најдете место или чистина на која може да одите како парк, каде би биле безбедни.

Ако земјотресот не е силен и вашиот дом остане неоштетен исклучете ги сите извори на струја поради евентуален пожар, бидејќи во текот на земјотрес доаѓа до разни оштетувања. Исто така, исклучете ја и водата.

Напомнете им на децата дека е можно да почувствуваат уште потреси, бидејќи по земјотрес следуваат послаби потреси. Дури и тогаш треба да се засолните бидејќи во такви ситуации може да дојде до дополнителна штета на веќе оштетените градби.

Треба да знаете
Последни објави