Русија службено им предложи на САД двете нуклеарни суперсили да го продолжат договорот за контрола на нуклеарно оружје Нов СТАРТ на пет години, иако Москва е подготвена и на покус рок, изјави висок руски функционер.
Договорот, кој истекува во февруари 2021 година, е последниот голем договор за контрола на нуклеарното вооружување меѓу Москва и Вашингтон кој се уште е во сила.
Според документот, двете најголеми нуклеарни сили не смеат поединечно да имаат повеќе од 1.550 стратешки нуклеарни боеви глави. Русија претходно месецов предупреди дека нема повеќе време Москва и Вашингтон да испреговараат некој заменски договор и оти истекува времето за договор за продолжување на СТАРТ.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека е подготвен да го продолжи договорот, додека Доналд Трамп, кој на Путин во 2017 му рече дека тоа е лош договор за САД, за тоа ќе одлучи следната година.