Хелсиншкиот комитет цели 25 години истрајува во борбата за човековите права и слободи водени од увереноста во вредноста и неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество, рече денеска претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на 25-годишнината од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
– Безмалку трите децении независност на нашата држава и долгата и мачна транзиција беа исполнети со политички кризи, социјална неправда, кревки меѓуетнички односи, политичка недоверба и нетрпеливост кон различните. Во такви услови, веќе 25 години, Хелсиншкиот комитет за човекови права е конструктивен критичар на државата кој алармира за социјалните неправди, правните пропусти, политичките злоупотреби и другите општествени девијации. Вие активно се борите против предрасудите, против стереотипите, против дискриминацијата, корупцијата, омразата и против насилството во нашето општество, рече Пендаровски.
Рече дека Хелсиншкиот комитет со својата работа и гласност, со посетите на затворите во земјата, извештаите за состојбата со човековите права, борбата против дискриминацијата, заштитата на бегалците и барателите на азил, што е само дел од вашата работа, ги направиле видливи граѓаните кои беа невидливи за институциите, секогаш ставајќи се на страната на послабите.
– Работничките права, еднаквите можности на мажите и жените, родовата еднаквост, инклузијата на лицата со попреченост, правата и заштитата на ЛГБТИ заедницата, еднаквото право на социјална и здравствена заштита, образование, правично судење, говорот на омраза и делата направени од омраза – сите овие теми ќе беа на маргините на јавниот дискурс ако вие не алармиравте и ако упорно не барате почитување на човековите права и слободи за сите, рече Пендаровски.
Тој додаде дека човековите права и слободи се во опасност секогаш кога се земаат здраво за готово, како да се еднаш за секогаш стекнати и гарантирани.
– Секоја генерација мора одново и одново да ги потврдува за да може да ги ужива овие права. Речиси и да нема ден, а, да не дознаеме за прекршување на некое човеково право и ограничување на некоја човекова слобода. Семејното насилство, експлоатацијата на работниците, етикетирање на различните според нивната етничка, религиска припадност, сексуална ориентација или родов идентитет, жигосувањето на зависниците, за жал, се дел од нашето секојдневие. Ние не можеме да си дозволиме да бидеме рамнодушни на кршењето на човековите права и правото на човечко достоинство, посочи Пендаровски.
Претседателот порача дека битката за човековите права мора да продолжи, затоа што ниту едно човеково право не е право само за еден човек или само за една заедница.
– Слободата што ја имаме треба да ја користиме за да ја унапредуваме слободата на другите. Вистински слободно општество е она во кое правата на најмалата заедница се исто толку почитувани колку и правата на најголемата заедница. Сите луѓе се раѓаме слободни и еднакви и затоа не треба да дозволиме посилните да имаат права над послабите. Да работиме заеднички за да го најдеме балансот меѓу јавната безбедност и индивидуалната слобода, да се запази универзалноста на човековите права без да се наруши различноста, истакна Пендаровски.
На одбележувањето на 25-годишнината од Хелсиншкиот комитет говореа и претседателот на Хелсиншки Гордан Калајџиев и извршната директорка на Хелсиншки комитет Уранија Пировска.