Формиран е штаб за организација на акцијата за чистење најавена за 14. следниот месец (сабота) на повеќе од 20 локации во околината на Скопје со учество на 40 000 вработени во јавниот сектор. Како што одлучи Владата, со акцијата ќе се надомести одработувањето за 2-ри јануари.
Штабот денеска го одржал првиот состанок на кој се дефинирани дел од деталите, а делегирани се и надлежности за сите членови во штабот. Во текот на следната недела ќе бидат објавени сите локации, како и која институција, каде ќе чисти. Министрите, директорите и раководителите на институциите ќе бидат одговорни за спроведување на акцијата од страна на своите вработени, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Со штабот за организација на акцијата, која што ќе се спроведува со поддршка на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре”, ќе раководи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Во штабот членуваат и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, како и директорите на Дирекција за заштита и спасување, Аднан Џафероски, на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку и на Македонија пат, Беким Мемеди, и Марјан Забрчанец од Канцеларијата на Премиерот.
Дел од потребната опрема за успешно спроведување на акцијата, ќе биде обезбедена со поддршка на Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, а механизацијата и потребниот алат ќе биде обезбеден од институциите кои го поседуваат.
Повик за приклучување кон еколошката акција, ќе биде испратен и до локалната самоуправа и институциите на општините.