ФОН ќе стипендира магистранти од Министерството за одбрана

По двајца вработени од Министерството за одбрана на годишно ниво ќе можат да стекнат право на постдипломски студии без школарина на Универзитетот ФОН како дел од Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа МО и ФОН. Меморандумот вклучува и соработка на експертски и професионални тимови, изработка на магистерски и докторски трудови за проекти во областа на одбраната и заедничка работа на апликативни проекти. Министерството ќе стипендирање студенти на ФОН, а соработката предвидува и обезбедување студентска пракса за студенти кои се од интерес за Министерството и за одбранбениот сектор.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска по потпишувањето на меморандумот рече дека силата на малите армии и малите системи за одбрана се нејзините луѓе.

-Членството во НАТО го гледаме како шанса да ја зголемиме нашата сила и нашата безбедност, бидејќи силата на најмоќната Алијанса ќе биде дел од нашите капацитети за одбрана. Кога зборуваме за капацитети за одбрана многу често ги имаме предвид само воените опасности. Меѓутоа силата на НАТО се состои и се гледа дури и во справувањето со друг тип на цивилни закани загрозување поради елементарни катастрофи и несреќи, загрозување поради еколошки катастрофи што е присутно како ризик на нашата држава и сметаме дека навистина заедно сме посилни, истакна Шекеринска.

Главниот ресурс што МО ќе го нуди во команди за НАТО, според министерката, се луѓе што имаат воено образование.

-Затоа првпат сега во Законот за служба во армијата многу повеќе акцент ставаме на создавање на такви ресурси, дали се тоа лекари, инженери, правници, економисти коишто МО и Армијата ќе им даде дополнителна наобразба, меѓутоа тие  со своето цивилно образование  практично ќе донесат оваа содржина. Нашиот меморандум го  гледаме како шанса да поработиме и на тој план. Затоа Меморандумот за разбирање предвидува заедничка работа и на проекти. Јас се надевам дека државата уште повеќе сега ќе ги засили напорите да ги искористи проектите во рамките на НАТО програмата, рече Шекеринска.

Министерството ваков меморандум има потпишано и со ФЕИТ. Министерката информира дека прв пат преку Законот за служба се обезбедува армијата да стипендира свои кадри за тн. критични специјалности. Според неа, Министерството се стреми кон поефикасно организирање и создавање систем кој ќе се базира на компетентни луѓе  кои ќе бидат ценети според  нивното знаење , а не, како што рече, според својата блискост или поради други политички аргументи.

Треба да знаете
Последни објави