Министерката за правда, Рената Дескоска, во изјава за медиумите истакна дека со отварањето на вчерашната постапка од страна на Уставниот суд за оценка на членот 11-а се заканува голема опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали.
„Јас не сакам да прејудицирам, ниту да влијаам на било каква одлука на Уставниот суд, но за да се спречи активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Иванов, го повикувам Собранието да ги искористи механизмите кои ги има во своите раце“, потенцираше Дескоска.
Според министерката, во рацете на Собранието е еднаш засекогаш да го затвори ова прашање и да оневозможи оживување на незаконските помилувања на Иванов.
„Министерството за правда ќе поднесе иницијатива до Владата да побара автентично толкување од Собранието, но тоа секако уште денес можат да го сторат и пратениците кои покрај барање за автентично толкување може да бараат и итна седница на Собранието за ова прашање“, изјави Дескоска.
Таа потенцираше дека токму од оваа ситуација ќе се види кој е за правда и казни за оние кои се огрешиле од законот, а кој е за амнестија и помилување.
“Пред пратениците од сите пратенички групи е како ќе се постават во овој случај – како поддржувачи и застапници на правдата или како слуги на криминалот“, посочи министерката.
Покрај пратениците, Дескоска додаде дека претседателот на Собранието е тој кој може да ги забрзува или забавува ваквите постапки.