Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата избраничка Кери Симондс, ја објавија првата фотографија од нивната венчавка откако вчера се венчаа на тајна церемонија. Двојката е прикажана во градината на Даунинг стрит 10 откако се венчале во Вестминстерската катедрала пред мала група блиски пријатели и семејството.
Премиерот и неговата невеста ја планирале венчавката веќе шест месеци, наведува британски „Сан“. Само неколку црквени службеници учествувале во подготовките, а 30-те гости биле информирани во последниот момент.
Џонсон и Симондс беа првата невенчана двојка која се всели на адресата Даунинг стрит 10, во резиденцијата на премиерот. Двојката се сврши во 2019 година, но венчавката ја одложија поради пандемијата. Тие го имаат едногодишниот син Вилфред Лори Николас. Симондс своевремено појасни дека бебето е крстено во чест на нивните дедовци и двајцата лекари кои го лекувале британскиот премиер од ковид-19, пред една година.
Откако беше објавено дека парот го венчал католички свештеник, многумина се прашуваа како Џонсон, кој претходно беше двапати во брак, успеа да влезе во трет, католички. За Симондс е познато дека е католик и порано не била во брак, но Џohnонсон, според биографијата на официјалниот премиер, се преобразил од католицизам во англиканска конфесија за време на школувањето во престижниот „Итон“.
Се шпекулира дека, за да се ожени во Католичката црква, тој можеби добил поништување на двата претходни брака. Но, други извори, како што објави Дејли телеграф, шпекулираат дека е можно претходните два брака автоматски да се сметаат за „неважечки“ затоа што биле склучени „надвор од канонската форма“.




