Откако Хамас го погуби нејзиниот брат во 2014 година под сомнение за врски со Израел, Амал вети дека ќе вложи напори за промена на палестинското општество за да спречи поголемо крвопролевање. Таа сега е активист за мир, но испраќа јасна порака до Хамас: „Не ве сакаме!“
Амал (26), која е по потекло од Појасот Газа и чие вистинско име не се открива од безбедносни причини, никогаш нема да го заборави тој ден во август 2014 година кога нејзиниот 40-годишен брат бил убиен со 45 куршуми.
Неговото тело, заедно со телата на други осомничени соработници на Израел, беше фрлено на јавно место во близина на универзитетот Ал Азар за другите да го видат и да се плашат.
Амал вели дека никогаш нема да му прости на движењето за болката што ја предизвикало: „Хамас е угнетувач и терористичка организација што убива невини луѓе, оставајќи деца без родители и жени вдовици. Затоа ги мразиме толку многу“, вели таа, додавајќи дека егзекуциите на наводните соработници станаа масовна појава последниве години.
Само во 2014 година, во текот на израелската операција „Заштитен раб“, чија цел беше да се стави крај постојаните ракетни напади од енклавата врз јужните градови во Израел, Хамас погуби најмалку 44 лица осомничени за врски со еврејската држава. Но, Амал тврди дека многу од убиените биле погрешно обвинети.
„Брат ми беше невин. Моето семејство постојано бараше Хамас да ни обезбеди докази што ќе ја докажат неговата вина, но тие нè игнорираа“, се жали таа.
Не помогнале ни молбите на семејството до палестинската власт и меѓународните организации. На крајот, одбивањето ги наведе Амал и нејзиното семејство до заклучок дека причината за егзекуцијата е лична, а не политичка.
„Нешто пред неговото затворање, мојот брат имаше јавна расправија, што резултираше со тепачка со еден од командантите на Хамас. Милитантот, кој веруваше дека е јавно понижен, вети дека ќе се одмазди“, се сеќава Амал.
Така и било. Неколку недели по кавгата, вели Амал, нејзиниот брат бил уапсен и затворен цели девет месеци, оставајќи зад себе сопруга и три деца.
И покрај болката, Амал неуморно работи на промена на палестинското општество. Учествувајќи во неколку проекти за промовирање на мирот, Амал одржува предавања, гради мостови меѓу Израелците и Палестинците и ги едуцира другите дека омразата не е решение.
Но, таа не ја заборави штетата што ја предизвика Хамас: „Хамас е угнетувач кој не знае што е правда. Затоа сакаме да ги снема што побрзо“, вели таа.
Хамас, исламистичката група која го контролира Појасот Газа и која Израел ја смета за терористичка, ја презеде контролата врз енклавата во 2007 година, откако ги собори своите ривали, официјалните лица на Фатах. Оттогаш, егзекутирани се десетици наводни соработници, а на многу други им е пукано во нозете – препознатлива казна што ја користи Хамас за да ги одврати политичките противници.