Пратеникот Фадил Зендели од Беса, кој е член на Законодавно-правната комисија денеска изјави дека не може да каже официјален став за барањето на СДСМ за автентично толкување бидејќи не го добил се уште, но вели дека принципиелно е против помилување и оти тоа што сега пред избори се прави е препукување или калкулации на политичките партии.
-Имајќи го предвид моментот кога е отворена иницијативата и дебатата во Уставниот суд, сега кога веќе се најавени наредните избори, ова се прави за политички препукувања или калкулации на политичките партии. Неспорно е дека лично како пратеник и како политичка партија сме биле против амнестија, затоа што сметаме дека државата и правосудните институции треба суштински да се борат со криминалот и корупцијата во државата, а не да има амнестија, а не да има аболиција. Ова посебно ако се работи за политичари од висок профил, вели Зендели.
Одбива да коментира за документ што не го видел бидејќи не сака стане дела „од играта на политичките партии што ја иницираа оваа постапка”.