Отстранување на сите видови бариери, меѓу кои и физичката непристапност до институциите, поголема инклузивност во образованието, пристап до здравствени услуги, поширока употреба на толковниот јазик и браевото писмо, развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, зголемување на капацитетот на сите институции, како и подигнување на јавната свест и остранување на дискриминацијата и стигматизацијата, бараат лицата со попреченост.
Во рамки на денешното одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември, тие посочија дека државата прави напори за унапредување на состојбите и оти работите се придвижуваат, особено во делот на развојот на услугите и деинституционализацијата, но оти е потребна и натамошна посветеност и на Владата и институциуите, но и на целото општество.
-Правата на лицата со попреченост се компензаторни права како основа за еднакви можности со другите. Овозможувањето на овие барања се цивилизациска придобивка на модерниот и современ свет, впишани се во меѓународни документи, пред се во Конвенвенцијата за правата на лицата со попреченост, рече Бранимир Јовановски од Националниот совет на инвалидски организации на денешното одбележување во Владата.
Претставниците на Владата, пак, истакнаа дека остварувањето еднакви услови и можности за овие лица е нивен приоритет и во таа насока потсетија на она што го направиле досега.
Премиерот Зоран Заев истакна дека формираното Национално координативно тело во Владата ја поставило рамката за забрзано спроведување на насоките од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
-Сето ова, како и придонесот за подигање на свеста за правата на лицата со попреченост и за значењето на имплементација на конвенцијата е важна за нејзиното остварување во пракса. Препораките на ОН и акцискиот план на координативното тело обезбедуваат јасен пакет на приоритети, патоказ за активности на Владата за сите активности кои се пред нас за да се спроведе конвенцијата и да се остварат и почитуваат правата на лицата со попрелченост, рече Заев.
Апелираше сите постојни и нови закони, политики и програми задолжително да бидат во согласност со конвенцијата.
-Ќе се залагаме за еднаквост и недискриминација, слободно движење, самостојно живеење, пристап до стоки и услуги, вработување, пристап до правда, здравство, политичко учество и право да гласаат и да бидат гласани, истакна Заев.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, потсети на сите мерки и законски решенија, што ги донела и спровела оваа Влада во насока за остварување на правата на лицата со попреченост, меѓу кои и реформирањето на системот за социјална заштита и процесот на деинституционализацијата.
Покрај се што е направено, истакна таа, останува и натаму да се работи заедно со општините на развој на социјални услуги со цел правата лицата со попреченост да можат да ги остварат своите права.
Министрите за образование и наука и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, секој во домените на своите надлежности истакнаа дека како институции во изминатиот период се вклучиле во унапредување на правата на овие лица, пред се во делот на инклузијата во образовниот систем јакнење на образовните структури за нивна поддршка, пристап до здравството, вклученост во проценката за способност…
Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје рече дека овие мора да се работи на елиминирање на бариерите кои ги попречуваат овие лица во сите сфери на живеење. Тие, смета Жбогар, треба да имаат активна улога во општеството, а не да бидат само пасивни приматели на услуги.
Предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост се системски и долготрајни и бараат мобилизираност на сите чинители во општеството. Затоа претставниците на здруженијата на лицата со попреченост побараа и промовирање на вештините и способностите на лицата со попреченост и нивно развивање, со цел полесна инклузија во секојдневниот живот.