„Танц фест 2021″ од 1 до 7 јуни под мотото „Украдени движења”

Под мотото „Украдени движења”, од 1 до 7 јуни 2021 ќе се одржува 17-тиот Фестивал за современ танц „Танц фест Скопје 2021″ на повеќе сцени во Скопје, а една од претставите и во Домот на културата во Тетово.

Најавено е гостување на танчарот Жигон Крајнчан од Љубљана со претставата „Fusion With Myself”, Загрепскиот танцов ансамбл ќе настапи со кореографијата „Ревел Ревел” на Розе Лопез Еспиноза од Шпанија, а публиката во Скопје и Тетово ќе има можност да ја види и изведбата „Ман Рек” на францускиот танчар и кореограф Амала Дианор.

На фестивалот ќе се претстават и младите короеграфи Адријана Данчевска со „Не ми ги допирај очите”, Филип Петковски со танцовиот филм „Витро”, Валентино Апостоловски  кој во соработка со режисерот Благој Мицевски ќе го изведе делото „Најлон” и Дејан Битровски со „Ѓаволска дупка”.

Во рамки на фестивалот своја програма ќе имаат и студентите по современ танц од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, а втората генерација студенти од Катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.

– Скопје танцовиот театар ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет” на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите жени” на Блаже Конески. Со оваа претстава, Скопје танцовиот театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески и одбележување 100 години од неговото раѓање, информира „Танц фест”.

Традиционално, на фестивалот ќе бидат доделени и наградите „Менада” – за врвно остварување и животно дело во областа на танцот и за млад уметник, а ќе има и омаж во сеќавање на  творештвото на истакнатиот балетски уметник Тони Баталаков.

За младата генерација ќе се одржи „Отворена програма” со настапи на танцови студија од Битола, Скопје, Струмица, Велес и Куманово, како и повеќе работилници за современ танц со гостите од странство.

Влезот за сите претстави е слободен, со ограничен број на места, во согласност со здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19.

Организирањето на „Танц фест” е поддржано од Министерството за култура, амбасадите  на Холандија и Франција, Францускиот институт Скопје, Театроскоп Белград и Град Скопје.

Треба да знаете
Последни објави