– Новата претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен му оддаде денеска признание на својот претходник Жан-Клод Јункер, истакнувајќи дека никој толку не се грижел за Европа како тој.
Таа на церемонијата за примопредавање на функцијата, за време на која го откри портретот на Јункер во галеријата заедно со останатите поранешни претседатели на ЕК, истакна дека Европа е во „подобра форма” откако Јункер стапил на должност.
– Јункер навистина успеа да ги брани европските интереси, нагласи претседателката на ЕК.
На церемонијата Јункер се обрати до својата наследничка и изрази очекување дека таа „ќе го зачува обединувањето на државите”.
– Ако ти е потребен мој совет, ќе го добиеш. Ако не ти е потребен мој совет, повторно ќе го добиеш, додаде Јункер во својот шеговит и искрен стил.
Јункер, кој на 9 декември ќе наполни 65 години, беше претседател на Европската комисија од 2014 година. Исто така, од 1989 до 2009 година ја извршувал функцијата министер за финансии на Луксембург, а од 1995 до 2013 година бил премиер на Луксембург.