Германските власти извршија претрес во канцелариите на Фолксваген, како дел од истрагата за манипулација со тестови за емисии на издувни гасови кај дизел возила, со цел автомобилската компанија да ја заобиколи еколошката регулатива.
Кабинетот на обвинителот во Брауншвајг потврди дека ја предводел истрагата, но не соопшти детали, бидејќи истрагата е во тек.
Фолксваген соопшти дека во целост соработува со обвинителите и дека пребарувањето во канцелариите е дел од истрагата за моделот на мотори ЕА 288.
Исто така компанијата наведува дека EA 288 е веќе тестиран и дека не се утврдени никакви манипулации.
Обвинителите во Брауншвајг во септември објавија дека ги обвиниле сегашниот и поранешниот извршен директор на „Фолксваген” за манипулација со пазарот во врска со скандалот со емисии на издувни гасови кај дизел возила, кој се случи во 2015 година.
Автомобилскиот гигант кон крајот на септември се соочи со прво судење во „аферата Дизелгејт”.
Речиси 450.000 сопственици на дизел возила го пријавија „Фолксваген” за измама во врска со емисии на издувни гасови на возила во 2015 година.