На самитот на НАТО во Лондон, кој се одржува вчера и денеска, јавноста веќе имаше шанса да види како пред камерите вербално се судрија американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот француски колега, Емануел Макрон.
Но, на нови снимки кои се појавија на социјалните мрежи и ги објавија повеќе странски медиуми, може да се види како лидерите на некои од најголемите американски сојузници, според контекстот на разговорот, го озборуваат и го исмеваат Трамп.
Снимката е направена на прием во Бакингамската палата кај кралицата Елизабета Втора и нејзиниот наследник, принцот Чарлс.
На снимката се гледаат холандскиот премиер Марк Руте, канадскиот премиер Џастин Трудо, британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон, како стојат во круг и разговараат пиејќи.
Дел од разговорот, фатен од микрофони на американската „Си-би-ес“, е доста интересен.
„А зошто доцниш?“, го прашува Џонсон, Макрон. Наместо Макрон, одговара Трудо: „Доцни поради неговата 40-минутна прес-конференција“.
This happens at every NATO summit with Trump. Every G7. Every G20. The US President is mocked by US allies behind his back. pic.twitter.com/FWncEM7jVs
— ian bremmer (@ianbremmer) December 4, 2019
Макрон, во вторникот попладне, разговараше со Доналд Трамп, кој пред самитот остро го нападна францускиот колега, заради неговата претходна проценка за „мозочна смрт“ на НАТО и поради планираното оданочување на американски технолошки компании.
Макрон и Трамп долго време одговараа на новинарски прашања, што не беше предвидено во протоколот, при што Макрон кажа дека тој останува на своите тврдења за НАТО, кои Трамп ги оцени како навредливи.
Џастин Трудо со насмевка оцени: „Убаво се виде дека членовите на неговиот тим (н.з. на Трамп) подзинаа, како паднати од Марс“.
Како и на претходниот самит на НАТО, Трамп не се придржуваше кон протоколот, па изјавите за новинарите во друштво на лидерите на сојузничките земји ги користеше за непредвидено да одговара на прашања од меѓународните медиуми.
Разговорот на европските лидери со канадскиот премиер случајно е снимен со камери на канадска телевизија, а сигурно нема да ја подобри атмосферата денеска кога на самитот ќе се разговара за турската операција во Сирија.