Апарат за дијагностички ултразвук на тироида и вратна регија ќе добие Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина. Договор за грант од 23.165 евра за набавка на апаратот денеска потпишаа амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда и деканот на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска.
На потпишувањето на Договорот во деканатот на Медицинскиот факултет, присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче. Новиот апарат ќе биде набавен преку јапонската „Грант програма за мали проекти” (GGP).
– Ова е една многу значајна помош од Амбасадата на Јапонија за што сакам да изразам голема благодарност до амбасадорката, Амбасадата, до народот на нашата пријателска Јапонија со оглед на тоа што е еден континуитет на помош во секторот здравство кој стигнува со години и е резултат на многу детална анализа за што вистински ни треба од опрема во нашиот здравствен систем. Институтот за патофизиологија е дел од Медицинскиот факултет во Скопје познат по својот историјат и експертиза во областа на третманот и дијагнозата на болестите на тироидата. Овој ехо апарат ќе овозможи значајно зголемување на бројот на пациенти кои се дијагностицираат, скратување на времето на чекање и најсовремена форма на дијагноза водена под ултразвук со цел да се избегнат комликациите, истакна Филипче.
Додаде дека годинава освен оваа помош од Јапонската амбасада стигнала помош и за болницата во Кавадарци, во Кратово и за Клиниката за дигестивна хирургија.
Амбасадорката Ханеда рече дека се среќни што овој проект ќе им помогне на граѓаните да го подобрат квалитетот на својот живот.
– Имав средба со министерот и со деканот. Соработката на Јапонија на медицинско поле има долга и успешна историја и се согласивме дека овие врски и размени треба да продолжат да се зајакнуваат и понатаму, додаде Ханеда.
Директорот на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, Даниела Миладинова рече дека годишно имаат над 20.000 прегледи на пациенти за тироидна патологија од кои половината имаат потреба од ултразвук. На Институтот, посочи таа, се прават најголем дел од пункциите водени под ултразвук на тироидната жлезда, паратироидната и сите останати органи од вратната регија.
– Во моментот Институтот располага со два ехо апарати од кои едниот е десет години, а другиот е шест години стар. Третиот апарат ќе ни биде од непроценлива помош и големо значење за подобрување на рутинската дејност, за помало чекање на пациентите, за поголем број цитодијагностички пункции, бидејќи работиме со големи напори листите на чекање да бидат што пократки и пациентите да чекаат што помалку време. Тироидната патологија бележи пораст не само нарушувањето на функцијата на тироидната жлезда, туку и тироидниот карцином заедно со малигниот меланом се малигни тумори кои покажуваат зголемена инциденца. Овој ултразвучен апарат ќе помогне многу за подобра дијагностика и поефикасна терапија на болните, рече Миладинова.
Додаде дека дневно имаат околу сто пациенти, а за пункција се чека не повеќе од еден месец.