Американскиот бек Ерон Херис погоди две слободни фрлања на 0,5 секунди до крајот на натпреварот, за драматична победа на МЗТ Скопје Аеродром над Нови Пазар од 89:87 во АБА 2 лигата.
Македонскиот тим остана непоразен на свој терен во регионалната лига, но вечерва во „Јане Сандански” беше сериозно загрозен. Во „лудата” завршница, при 87:87, бекот Хиндс направи грешка, па гостите дадоа кош кој беше поништен поради фаул во напад над Херис. Раката на Американецот не затрепери и МЗТ остана осамен на второто место.
Херис со 18, Крстевски со 16, Хиндс и Магдевски со по 14 и Маслинко со 13 поени, беа најефикасни кај МЗТ. Следниот меч на „штрковите” во втората јадранска лига ќе биде на 12 декември, на гости кај црногорскиот тим Ловќен.