Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски едногласно е избран за претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница (Energy Community Regulatory Board – ECRB), на редовниот состанок што се одржува во Атина.
Како што информираат од РКЕ, едногласниот избор на Бислимоски за оваа исклучително важна функција која ќе ја извршува во следните две години, претставува и признание за лидерската улога на Регулаторната комисија за енергетика во реформите во енергетскиот сектор во рамки на Енергетската заедница.
-Претседавањето со Одборот на регулатори на Енергетската заедница од страна на Бислимоски ќе овозможи уште повеќе да се зајакне улогата на Регулаторната комисија за енергетика како една од носечките институции во енергетските реформи во регионот, порачуваат од РКЕ.